Државна матура без стрес
Oд наставната 2007/2008 година започна спроведувањето на државната матурата во рамките на средното образование во Република Македонија. Концепцијата на матурата за гимназиско образование предвидува можност за полагање државна матура или училишна матура. Во државната матура е понагласена селективната, а во училишната матура сертификатната улога.
Кај државната матура, во I-та фаза, во учебните 2007/2008 и 2008/2009, наставниот предмет македонски јазик и литература, како и еден од изборните наставни предмети, кој може да биде странски јазик или математика (основно и напредно ниво) се проверува екстерно. Останатите два изборни наставни предмети од листата за наставни предмети за полагање на матурата и проектната задача ги избира ученикот и се проверуваат интерно. Училишната матура се состои од наставниот предмет македонски јазик и литература, кој е задолжителен, од еден изборен предмет од листата за наставни предмети за полагање на матурата и од проектна задача. Училишната матура целосно се реализира интерно.
Проектот „Државна матура без стрес“ во ПСУ „International High School“ е дизајниран за негова соодветна имплементација во самата настава, а и преку дополнителни часови со учениците.
Целна група се учениците од четврта година во ПСУ “International High School” – Скопје.
Проектот има цел преку менторско водење низ наставата од страна на стручен тим на наставници, да обезбеди задоволство во учењето и високи резултати при полагање на матурата. Проектот ќе се одвива во IV фази.
Првата фаза ќе стартува со дефинирање на предметите кои ученикот ќе ги полага на матурата во согласност со факултетот на кој сака да се запише и со неговите склоности.
Втората фаза ќе го утврди нивото на знаења на учениците во однос на одбраните предмети со цел да се изработи план за работа кој ќе ги задоволи индивидуалните потреби на секој ученик.
Третата фаза е туторство и контрола на напредокот со цел ученикот да ги стекне сите знаења и вештини за полагање на наставниот предмет.
Четвртата фаза е евалуација која има цел да го оцени и анализира постигнатото ниво на знаење кај ученикот.
Реализацијата на проектот треба да обезбеди подготовка и полагање на државната матура без стрес.