Изведување на настава

 
Наставната програма во ПСУ „INTERNATIONAL HIGH SCHOOL“ – Скопје е компатибилна со останатите државни средни училишта, и е изготвена од Бирото за развој на образованието во соработка со соодветните факултети и наставници од училиштата, а ја одобрува министерот за образование и наука на Р. Македонија.
 
Со Наставниот план во ПСУ „INTERNATIONAL HIGH SCHOOL“ – Скопје се утврдени компонентите што се задолжителни за сите ученици во училиштето, додека на професорите им се дава извесна слобода при креирањето на изведбените наставни планови. Наставниот план е структуриран од четири организациско-содржински компоненти: задолжителни предмети, изборни предмети, задолжителни изборни програми и проектни активности. Задолжителните предмети опфаќаат содржините од современото општо образование, и во основа, се повеќето наставни предмети кои во континуитет продолжуваат од основното образование.
 
Изборните предмети се групирани во три изборни подрачја:
 
- Општествено-хуманистичко подрачје,
- Јазично-уметничко подрачје и
- Природно-математичко подрачје.
 
Ваквата групираност, на секој ученик му овозможува да се развива во оној правец во кој ги покажува и изразува своите желби, интереси, способности, како и да се информира и подготви за соодветните студии. Проектните активности во ПСУ „INTERNATIONAL HIGH SCHOOL“ – Скопје имаат функција да ја поттикнат креативната активност на ученикот, и да ги задоволат индивидуалните интереси и желби на ученикот во одделни области. Овие активности се реализираат по слободен избор на ученикот. Наставата во ПСУ „INTERNATIONAL HIGH SCHOOL“ – Скопје се изведува на македонски и англиски јазик. Таа е организирана зависно од наставните содржини – од нивната сложеност и специфичност, како и од степенот на познавање на англискиот јазик од страна на ученикот. Основна карактеристика на наставата во ПСУ „International High School“-Скопје е конципираноста на програмите врз основа на настава за мали групи ученици, што се изведува во мали училници. Индивидуалната настава е карактеристика на приватните училишта што се насочени кон поттикнување на учениците да постигнат што поголем успех преку интензивно директно ангажирање од страна на наставниците, администрацијата и другите стручни служби во училиштето.
 
Учениците во ПСУ „INTERNATIONAL HIGH SCHOOL“ – Скопје на крајот од четврта година ќе полагаат државна матура според законот и прописите на средното образование во Република Македонија. Стручен тим професори од ПСУ „INTERNATIONAL HIGH SCHOOL“ – Скопје ќе ги водат учениците низ подготовката, за полагање на „Државна матура без стрес“ (проект којшто се реализира само во нашето училиште), преку системот тутор-професор за секој ученик во текот на четвртата година.